Секојдневно од медиумите сме бомбандирани дека треба здраво да живееме, дека треба да се пренесат навиките за здрава исхрана врз најмалите и да се полага напор да се одгледаат здрави деца хранејќи ги на здрав начин.
Пред извесно време едно истражување спроведено од страна на УНИЦЕФ на територијата на Р. Македонија покажа дека нашите деца се на граница на анемична нација. Секое четврто дете е на граница на потребното учество на хемоглобин во крвта.
Домашните услови се важни, но... што додека децата се во училиште?
Дали постои начин здравата храна да се внесе во училиштата? Повеќето училишта се опколени со места за брза храна, пржени компири и пици..
Дали и колку здравата исхрана во училиштата има влијание врз учениците? Стручњаците велат: има, и тоа многу! Докажано е дека ручекот составен од свежа, непроцесирана храна е во можност да го држи мозокот на децата во добра форма и тие да бидат пофокусирани на учењето. Храната богата со шеќер и со маснотии сите ги прави да се чувствуваат тромаво и успано. Учениците кои јадат храна богата со шеќери и маснотии често се „исклучуваат“ за време на наставата и не се доволно сконцентрирани.
Секако, децата ги носат навиките од домашната култура и начинот на исхрана, па така доколку се добро едуцирани од дома, за време на училиштето тие ќе се одлучат за здрава салата, а не за пржени комири или за сендвич со пилешко на скара, а не за хамбургер. Треба да се охрабруваат да пијат повеќе течности, особено вода и млеко.
Една интересна идеја е училиштата да ги користат фармерите кои произведуваат органски зеленчук, јајца, месо и овошје своите производи да ги продаваат во училиштата. Со тоа не само што ќе нудат повеќе здрава исхрана во училиштата, туку и ќе И помагаат на економијата на сопствената заедница/општина.
За училиштата е важно да ги едуцираат своите ученици за долгорочните ефекти и поволности од здравата исхрана, наспроти конзумирање храна која не е корисна. Многу е важно да се подигне свеста за здрава храна во раниот стадиум и како што децата се развиваат во возрасни личности тие ќе се сè помалку подложни за здобивање здравствени проблеми.
Да се најде начин да се засака здравата храна е работа на предметниот наставник:
На часовите по мајчин јазик може да се зборува за сочноста на плодовите на нашето поднебје; на часовите по ликовно образование производите можат да се насликаат; за време на часот по музичко може и да се изберат нумери кои ја обработуваат темата; по биологија да се зборува како се одгледува здрава храна; по географија: зошто овие овошја и зеленчуци виреат токму тука; на часот по историја да се продискутира за начинот на исхрана на нашите предци. Кога ќе дојде часот по физичко, исто така, може да се обрне внимание на потребата од физичка активност, како дел од културата на здраво живеење.
Буквално во секој предмет може да се зборува за здрaвиот начин на живот и за здраватa исхрана, па така и по предмети по општествени науки: социологија, психологија бидејќи со здрава храна, учениците ќе можат да се здобијат со поголема можност да добијат позитивна слика за самите себе.
Учете ги децата дека треба да се хранат за да живеат, а не да живеат за да се хранат!
Н.Дукоска



