Родителските средби - формалност или суштинска размена на информации
РОДИТЕЛСКИТЕ СРЕДБИ СЕ ПОЗИТИВНИ И ЗА РОДИТЕЛОТ И ЗА УЧЕНИКОТ И ЗА НАСТАВНИКОТ


Учеството на родителите во секојдневниот живот на училиштето е суштинска алка која обезбедува пријатна атмосфера за работа на нивните деца - учениците. Присуството на родителите, низ разни форми и на разни начини, го прави училиштето Втор дом
 

“Може ли денес порано да излезам од работа, на родителска сум”...
“Да, да, се разбира..”
Речиси сите сме сведоци на ваквиот тип дијалог, без разлика дали сме го почувствувале на своја кожа или сме го слушнале од колегите, најблиските, роднините.
Секој родител ја покажува својата ажурност и обврска за родителската средба. Одговорно и прецизно, затоа што тој ги добива информациите за успехот, постигнувањата, советите, пофалбите и прекорите за сопственото дете. На родителските средби, во принцип, не се доцни, туку со нетрпение се очекува класниот раководител и информациите кои треба да ги соопшти. Информациите кои се поважни од вестите на телевизија, од соседските озборувања, меѓуколегијалните приказни околу платата... Овие вести, кои зборуваат за тоа како напредува нашето дете, како ја совладува наставната материја, дали се социјализира или изолира во околината, дали има тешкотии со конкретен предмет или професор, како да ја зајакне сопствената самодоверба, како да го избере вистинскиот пат, како професионално да се ориентира...?
Од друга страна, што може да се дознае на едночасовна групна родителска средба само за сопственото дете. Многу малку. Едноставно, се добива генерален впечатокот за класот, за неговиот успех, за одредените појави кои ги засегаат генерациите. Некои родители молчат, други премногу зборуваат мислејќи дека со тоа ќе придонесат, трети критикуваат.
Наставникот, подготвен за родителската средба, е подготвен и за изненадувања. Првично, ја кажува својата глобална оценка за неговиот клас, малку се осврнува на секој ученик поединечно, дава информации за новостите и за училишните или вонучилишните појави. Но, како и да е, соочувањето со родителите, можеби, претставува најстресен момент за еден наставник. Момент во кој тој ги покажува сопствените способности да ги информира родителите и за добро и за лошо, за позитивното и за негативното. Да се пофали, но и да објасни. Да биде искрен, но не и вознемирен. Да понуди решение, но и да побара помош. Тоа е негова обврска, а и очекување на секој родител.
А децата... тие ги чекаат родителите? Расположени или не, зависи од тоа како се покажале во изминатиот период...
 
Родителските средби позитивно влијаат на учењето на децата, а со тоа се постигнува поголем успех и подобро однесување. На тој начин, родителот континуирано ги следи работата и развојот на ученикот, ги согледува потешкотиите и навреме спречува одредени девијантни појави. Практиката покажува дека родителите на послабите ученици помалку се присутни на родителските средби, иако причините за малиот одзив се бараат во нивната презафатеност, во социјалната структура и слабата педагошка едуцираност. Затоа, во овој современ начин на живеење, родителот треба да биде поприсутен во училиштето и неговата соработка да биде партнерска, а во самиот интеракциски однос, тој да биде информиран за постигнувањата на ученикот и да биде вклучен во разните активности на училиштето.
Родителските средби се позитивни и за родителот и за ученикот и за наставникот. Со ваков начин на комуникација, родителот добива целосна информација за постигнувањата, за однесувањето на ученикот во училиштето, за неговите способности, начинот на кој ги усвојува знаењата и евентуално, за талентот на ученикот. Понекогаш, тие служат и за откривање и разбирање на воспитните цели и задачи, за училишните проблеми, за непосредно координирање на релација училиште-семејство, за давање практични совети, мотивирање на учениците, организирање екскурзии и слично.
Постои практика кога класниот раководител определува денови во кои родителите на учениците можат да разговараат со наставникот за теми за кои вообичаено не може да се дискутира за време на родителските средби. Затоа, се воведува Ден на отворена врата кога родителите можат да дојдат и да се посоветуваат со наставниците. Соработката меѓу наставникот и родителот се продлабочува и преку “контактни” месечни средби, во одреден ден, кога родителите можат да остварат директен контакт со предметните наставници што им предаваат на учениците, а не се одделенски раководители.
Несомнено е дека покажаниот интерес, грижа и внимание од родителите дава чувство на важност кај детето. Потребни се само малку труд и желба, освен материјално, во детето да се инвестира со квалитетно потрошено време за комуникација и следење на неговите успеси/неуспеси и личниот развој. Со искрената комуникација и реалното реализирање на улогите, со целосна отвореност и посветеност, ученичкиот живот на децата им станува многу едноставен. Го доживуваат како нормален, а не наметнат процес во нивнот живот.
 
Рамка 1:
Родителот има право и обврска навреме да биде информиран за успехот и за се друго во врска со неговото дете што се случува во рамки на часовите и за времето поминато во училиште. Генерално, организирани средби со родителите се одржуваат најмалку четири пати во учебната година. На првите средби, родителите се запознаваат со училишниот куќен ред (време на доаѓање и почеток на часови, распоред и завршување на настава, учебници и друг наставен материјал и други правила на однесување во училиштето). На крајот од првото тромесечје, на дневен ред се резултатите од учењето во првиот класификациски период, редовноста и дисциплината на учениците. Истите информации, родителите ги добиваат и на родителските средби во второто тромесечје и на крајот на учебната година.

 

С. Даскаловска


 
                                                                                            
                                                                                            
 
                                                                                          
                                                                                          
   
                                                                                            
                                                                                            
 
  Корисни линкови
               
               
Сите права се задрзани ПРОСВЕТЕН РАБОТНИК 2009 design by MediaDotCom