КВАЛИТЕТЕН НАСТАВНИК - ОСНОВА ЗА КВАЛИТЕТНО ОБРАЗОВАНИЕ
„Работиме на нов концепт за подигнување на квалитетот на наставниците, преку основање Академија за обука на наставници, стручни соработници и воспитувачи, која ќе има цел да обезбеди професионално, независно и ефикасно вршење на воспитно-образовната работа”, вели министерот Тодоров во интервју за „Просветен работник”
Веќе одреден период раководите со Министерството за образование и наука. Кои се Вашите впечатоци за целокупниот образовен систем?
На функцијата министер за образование и наука стапив на 10 јули годинава. Тоа е времето кога отпочна реализацијата на грандиозниот проект: „Бесплатни учебници”, во ек беше изградбата на неколку основни училишта, се работеше на реконструкција на повеќе училишни згради. Тука беа и проблемите околу паралелките на албански наставен јазик во Средното медицинско училиште „Панче Караѓозов”, тензии околу почетокот на учебната година во средното училиште „Нико Нестор” во Струга, трансформацијата на работните договори на просветните работници. Потребно беше да се обезбедат и соодветни услови како за постоечките, така и за новите дисперзирани студии, но истовремено се работеше на изнаоѓање издржано решение за отворање на новиот, петти по ред, државен универзитет - Универзитетот за информатички технологии во Охрид. Ова се само дел од активностите коишто ги затекнав, а требаше да ги реализирам до почетокот на учебната и академска година. И покрај многуте тешкотии со кои се соочив, со добар тим, успеавме да ги активираме сите неопходни човечки и материјални ресурси за реализација на овие проекти.
Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија ги поддржуваат сите реформи кои се во согласност со современите светски текови во севкупниот образовен систем, а за нивна реализација потребно е да се вложат многу енергија и разбирање. Неопходно е да се искористат сите потенцијали не само од страна на вработените во Министерството, туку и од страна на вработените во локалната самоуправа, наставниците, професорите, директорите, родителите и учениците. Промените ќе успеат само со несебично вложување и ангажирање, отворено споделување на искуствата, како и верба и истрајност во започнатите активности.
Има ли Македонија можност да стане држава каде образованието ќе биде цел само по себе, ќе се вреднува и ќе претставува неприкосновена можност за напредок?
Секако дека има. Но, образованието има и друга карактеристика - тоа претставува база за преземање реформи во другите сфери на општественото живеење. Во таа насока се и реформите во образованието со кои се придвижува еден систем во кој со години било вложувано во промените, но само во неговите делови. Токму со стратешките планови и приоритети на Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија, се пристапи кон суштинска промена на сите нивоа на образованието. Една од клучните реформи за вреднување на системот на образованието е и екстерното оценување на наставниците, нивниот професионален однос и знаење затоа што квалитетен наставник е основа за квалитетно образование.
Презедовме значајни чекори и кон деполитизација на образованието, за што сведочи неодамна потпишаната Декларација за деполитизација, мултиетничка толеранција и ненасилна комуникација, како и понатамошното разработување на Предлог-документот за интегрирано образование во чија работа учествуваат претставници на ОБСЕ и на МОН. Во оваа прилика сакам да напоменам дека, во рамките на оперативната програма за човечки ресурси, Министерството за образование и наука ги потврди своите капацитети за децентрализирано искористување на претпристапните фондови за образование на Европската унија. Исто така, во моментов работиме на нов концепт за подигнување на квалитетот на наставниците, преку основање Академија за обука на наставници, стручни соработници и воспитувачи, која ќе има цел да обезбеди професионално, независно и ефикасно вршење на воспитно-образовната работа преку селекција, организирање и спроведување почетна обука на кандидатите за наставници, стручни соработници и воспитувачи во основните и во средните училишта.
Каде ќе го насочите вниманието за застапување на позитивните вредности во училиштата?
Позитивните вредности во училиштето треба да се насочат кон сите сегменти во образованието. Тие се градат не само со образување, туку и со воспитување на учениците и лично залагање на индивидуалците. Секој човек има право на завршување на започнатото образование, на описменување, на унапредување на научените вештини, на совладување нови вештини и искуства, кои ги наметнува пазарот на труд. Градењето системи за образование во контекст на доживотното учење ја истакнува потребата од континуиран и постојан образовен процес, а не процес кој завршува со завршувањето на формалното образование. Затоа, инвестираме во развојот на Центарот за образование на возрасни. Освен тоа, кај младите е потребно да се развива подготвеност за прифаќање на разликите, што води кон инклузивност во воспитно-образовниот процес. На тоа се однесува и потребата, преку усвојување на знаењата, да се развијат и свеста и грижата за околината во која живееме, за здрава и чиста животна средина.
Всушност, еден од начините за вградување на позитивните вредности кај учениците е и воведувањето на предметот Веронаука, чијашто законска одредба минатата година беше укината од страна на Уставниот суд, поради што се прекина неговото изучување. Сепак, концептот не отпадна. Напротив, имаме решение кое нема да се коси со законските и со уставните одредби.
На кои точки од реформите ќе се задржите за во образовниот систем да се создадат услови што ќе овозможат развивање млади индивидуи кои се подготвени да се соочат со предизвиците и промените на новото време?
Министерството за образование и наука продолжува со сите зацртани проекти од работата на Владата на Република Македонија. Успешната реализација на концептот на деветтолетката, екстерното тестирање, реализацијата на проектот за бесплатни учебници за секое дете, осовременувањето на новите наставни планови и проекти, новиот концепт за задолжително средно образование, зајакнувањето на капацитетите на Државниот просветен инспекторат, подобрување на високото образование, но и вложување во науката, се дел од реформите во образовниот систем со кои младите се подготвуваат да се соочат со предизвиците на новото време. Ние мора да создадеме систем со кој нашите млади луѓе ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот и тоа не само кај нас, туку и во Европа и во светот. За таа цел, неопходна е реформа на средното стручно образование, зајакнување на интелектуалните капацитети на наставниот кадар, како и рангирање на високообразовните институции за развивање на нивната конкурентност, но и оформување професионални центри за кариера.
Што ќе им порачате на просветните работници кои се стожер на образовниот систем во Република Македонија?
Просветните работници се основата на воспитно-образовниот систем. Покрај родителите, кои се првичен модел на поведение, наставниците во голема мерка влијаат врз поведението и идниот карактер на младите луѓе. Затоа, неопходно е тие постојано да се усовршуваат и да се надградуваат. Реформите во образованието мора да бидат насочени и кон едукацијата на просветниот работник, дополнителни обуки, следење и примена на новите педагошки мерки и современите текови на технологијата, кои се застапени во образованието. Затоа, просветните работници, покрај тоа што треба да инвестираат во знаењето на младите, неопходно е да инвестираат и во сопственото знаење и надградба бидејќи само така ќе бидат во можност да ги насочат учениците кон вистинските вредности во животот.


